Филозофски дијалог

Многу од проблемите, предизвиците и заканите со кои се соочува светот денес се размножуваат, а не се решаваат. Филозофите имаат одговорност да иницираат и одржуваат култура на дијалог што ќе доведе до повеќе разбирање, толеранција и соработка меѓу лидерите, политичарите, владите, нациите, граѓаните воопшто, како и помалку страдање на поединци, малцинства и нации. Но, дијалогот сам нема да ги искорени проблемите, а филозофите не можат да ги решат сите предизвици во светот. Сепак, ние сме должни да не молчиме за новите пројави на алиенација, интолеранција, омраза и заборав на доброто.

Самиот недостаток на дијалог е една од причините зошто не живееме во подобар свет, иако во многу случаи се чини дека ги познаваме и дијагнозите и лековите кои би можеле да ја подобрат ситуацијата. Сепак, сметаме дека сериозниот филозофски дијалог има потенцијал да ја истакне природата, изворите и причините за проблемите и последиците од нив.

Токму овој Меѓународен Филозофски Дијалог „Исток – Запад“ кој е во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ, МСУ „Гаврило Романович Державин“ и Филозофското Друштво на Македонија е со тенденција и интенција да придонесе за доближување на различните цивилизациски, културни и останати духовни вредности. Истиот тоа не го прави строго од филозофски ракурс, туку овозможува еден интердисциплинарен пристап на различните прашања отворени во филозофијата, науката, уметноста, религијата и другите сфери на современото живеење во светот. За решавање на истите го користи филозофскиот клуч, кој по многу нешта е универзален и овозможува изнаоѓање на различни решенија.

Самиот концепт на овој дијалог дава можност за пристап до различни теми кои имаат своја актуелност и се во фокусот на светската филозофска и научна јавност и реферира на тековните проблеми во филозофијата и науката. Секоја година се избира тема на која земаат учество поголем број врвни и афирмирани филозофи и научни работници од целиот свет и приложуваат дел од своите творечки резултати. Досегашното искуство покажа дека Филозофскиот Дијалог „Исток – Запад“  е со исклучителен квалитет,  како според важнста на имињата на учесниците, така и според високото ниво на приложените трудови на истите учесници. Се очекува дека и во иднина овој проект ќе функционира со тие собени и утврдени стандарди на квалитет.

Овој филозофско – научен собир се одржува еднаш годишно почнувајки од 2015 година и досега има 5 завршени изданија.