Notice: wpdb::prepare е неточен. The query does not contain the correct number of placeholders (2) for the number of arguments passed (3). За повеќе информации погледнете Откривање грешки во WordPress. (Оваа порака беше додадена во верзијата 4.8.3.) in /home/slavinst/public_html/konferencii/wp-includes/functions.php on line 4139
Филозофски дијалог – 2015 – Конференциски Центар

Филозофски дијалог – 2015

Документи:

  1. Програма на симпозиумот

Осврт кон симпозиумот, Кирил Трајчев

Од втори до четврти септември 2015 година во организација на Македонската академија на науките и уметностите, Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ Свети Николе–Битола и Филозофското друштво на Македонија се одржа ПРВ МЕЃУНАРОДЕН ФИЛОСОФСКИ ДИЈАЛОГ „ИСТОК–ЗАПАД“, Симпозиум на тема Наука и религија.

Овој настан произлезе како резултат од претходно воспоставената соработка и потпишаниот договор помеѓу Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ Свети Николе–Битола и Филозофското друштво на Македонија и огромната поддршка и разбирање за значењето на собирот што ги даде Македонската академија на науките и уметностите. Поканети беа голем број учесници, меѓутоа, и покрај нивниот покажан интерес не можеа да го пријават своето учество поради објективна спреченост.

Програмата беше поделена во три дена. Отворањето и првиот работен ден беа во просториите на МАНУ на втори септември. Вториот ден, на трети септември, се одржаа две работни сесии во конференциската сала на МСУ „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе. Третиот и завршен дел се одржа во „Хотел Гарден“ во Охрид на четврти септември.

Првиот работен дел започна со отворањето на собирот во МАНУ. На официјалното отворање своевидна беседа одржа претседателот на МАНУ академик Владо Камбовски, а по него на присутните им се обрати генералниот директор на МСУ „Гаврило Романович Державин“ м-р Борче Серафимовски. Последен говореше претседателот на Филозофското друштво на Македонија г. Љупчо Митковски.  Со првата сесија од програмата раководеше проф. д-р Ана Димишковска.

Најпрвин настапи гостинот од Велика Британија Николас Вагхорн со своето излагање на тема „Ништоста во пресекот на науката, филозофијата и религијата“. Тој расправаше за последиците што испитувањето на поимот ништо ги има врз нашето разбирање на односот меѓу науката и религијата. Неговото внимание беше сосредоточено на поткрепата за којашто се верува дека науката му ја пружа на атеизмот, дотолку што наводно покажува дека повикувањата на Бог со цел да се сфати светот се одвишни. Ова негово исклучително излагање предизвика голем интерес и иницира подолга дискусија кај присутните слушатели.

Татјана Сергеевна Пронина од Русија во своето обраќање на тема „Религиозната преродба во Пост-Советска Русија“ откри некои аспекти на религиозноста на современите Руси и проблемите на религискиот идентитет. Таа преку резултати од анкетно истражување ја изнесе разликата меѓу нивото на декларираната и активната религиозност. По овој прилог, исто така, следуваше содржајна дискусија. Како трет и последен во овој дел настапи професорот Љубомир Цуцуловски со излагање насловено „Скепса и апологија“. Тој посочи неколку битни разлики меѓу науката и теологијата и опсежно ги елаборираше. После тоа следуваше генерална дискусија во која можеше да се евидентираат различни аспекти и тематизации поврзани со излагањата од првата сесија.

На вториот ден од собирот на програмата беа втората и третата сесија. Со втората раководеше доц. д-р Трајче Стојанов. Прв учесник во овој работен дел беше гостинот од Русија Игор Иванович Евлампиев со својот прилог „Концептот на религиозното искуство во руската философија од раниот 20-ти век“. Тој упати на највлијателната традиција во руската философија од овој период, традицијата на филозофијата на сеединство. Беа споменати стожерните ликови на оваа философија како и нивните претходници. По овој прилог следуваше дискусија.

Втор настапи Миколај Славковски-Роде од Велика Британија со излагање на тема „Религиозното убедување, научното знаење и човековото искуство“. Тој зборуваше за тврдењата дека религиозното убедување и научното знаење ни нудат две различни и непомирливи гледишта на стварноста, меѓу кои конечно ќе мораме да избереме. Тој понуди нови видувања на овој избор. По завршувањето на неговото прилично екстензивно излагање следуваше дискусија.

Последна во втората сесија се претстави гостинката од Хрватска Марија Селак со прилог на тема „Креативноста наспроти создавањето: теологија на човечкото усовршување“. Во своето излагање Селак ги доведе под знак прашалник последиците од обидот човечката креативност да се замени или надогради преку моќта на создавање вклучена во идејата за човечкото био-медицинско подобрување. Таа истакна дека денеска, преку био-медицинските интервенции врз човечката природа, човекот се обидува да ги узурпира правата и силите што традиционално му се припишуваа на Создателот. По завршувањето на излагањето се отвори дискусија.

Со трeтата сесија раководеше м-р Невена Фотева. Оваа сесија ја отвори домашниот учесник Ристо Солунчев со својот труд „Религиозната егзистенција и смртта на државата“. Тој во својот прилог констатираше дека државата е мртвиот бог и таа умира таму каде што е и родена, во теологијата. По овој настап на Солунчев следуваше интересна дискусија.

Прилогот на Марија Тодоровска „Знаење и/ или верување – можностите на науката за религијата“ беше презентиран поради нејзиното физичко отсуство. Во текстот таа ги разгледува тешкотиите на методологијата на одредени аспекти на филозофијата на религијата: проблемот на (не)помирувањето на разумот и верата, на недефинирливоста на светото, на неискажливоста и неможноста да се пренесат субјективните психолошки религиозни искуства итн…

Последен настапи Британецот Самуел Хјуз со својот труд со наслов „Религиозното искуство и себството“. Во своето излагање тој понуди објаснување за можноста за разбирање на двете одлики на религиското искуство: чувството на разложување на себството и тоа дека за религиското искуство често се вели дека вклучува интензивна свест за нешто вредно или возвишено. По ова следуваше дискусија.

На третиот работен ден според програмата имаше четири учесници. Раководител на оваа сесија беше проф. д-р Мирко Ѓошевски. Прва настапи Ана Димишковска со своето експозе на тема „Метафизиката на можните светови: онтолошките претпоставки и импликации на модалната логика како формална наука“. Во овој прилог Димишковска направи обид да ги идентификува и да ги анализира некои од фундаменталните онтолошки претпоставки и импликации на дискурсот на современата модална логика, со акцент врз концептот на „можните светови“ и неговите различни интерпретации. По ова мошне инспиративно излагање следуваше дискусија.

Следен настапи Ралф Стефан Вир од Велика Британија со реферат на тема „Физичката наука и душата“. Тој ја образложи тезата дека физичката наука претставува значителен предизвик за традиционалната душа-тело дуалистичка слика на човечките личности.

По дискусијата која следуваше свое излагање имаше Трајче Стојанов со трудот „Руската религиска философија и современата наука: некои аналогии“. Главната поента на излагањето беше дека најголем дел од руските мислители веруваат дека новата философија не може да се гради поинаку, ако не оди по патот на помирување на верата и разумот. Тој истакна дека на патот на помирување на верата и разумот, многумина од овие мислители дошле до резултати кои можат да бидат инспиративни и плодни за науката и научното познание.

Комплетната програма ја заокружи излагањето на младиот гостин од Србија Јанко Нешиќ. Тој се обиде да ни пренесе како навидум противречните научни и религиски учења можат да се помират преку една верзија на Раселовиот панпсихизам. Неговиот интересен реферат со наслов „Себства: гледиштето на панпсихизмот“ беше предизвик за дискусија. На крајот следуваше генерална дискусија со што заврши работниот дел од овој собир. Трудовите на учесниците кои беа присутни на овој настан, како и на оние кои учествуваа со свои пратени текстови ќе бидат објавени во посебен зборник.

Целиот овој настан генерално заврши со потпишување на Декларација за дијалог, разбирање и толеранција, потпишана од страна на организаторите и учесниците на симпозиумот, а истата ќе биде испратена до ООН. Мора да се истакне дека самиот овој собир беше со висок квалитет и помина во конструктивна атмосфера и со одлична организација. Учесниците изразија задоволство од самата нивна вклученост на симпозиумот и пројавија желба за повторно учество и на некој од следните собири што се планираат како дел од МЕЃУНАРОДНИОТ ФИЛОСОФСКИ ДИЈАЛОГ „ИСТОК–ЗАПАД“.

Постер:

Галерија: